Наумов става крај на кариерата, ќе биде дел од стручниот штаб на Брегалница!

275

Како што пренесуваат од таборот на ФК Брегалница, Ристе Наумов нема да игра во следната сезона во ПМФЛ за штипските “сини“. Имено една од најголемите легенди на штипскиот фудбал и поранешен македонски репрезентативец, Ристе Наумов става крај на играчката кариера. По одличната сезона во која како капитен ја предводеше Брегалница на патот кон враќање во прволигашкото друштво, 40-годишниот Наумов се одлучи да стави крај на кариерата и од следната сезона се приклучува на стручниот штаб на „сините“, како помошник на Марјан Секуловски.

Ја реализиравме целта за враќање во Првата лига што секако беше и моја огромна желба. Сега, согласно и плановите, амбициите и целите на Брегалница, сигурно простор на теренот се остава повеќе на младите а јас се надевам дека ќе допринесам повеќе за дополнителен раст на сите нив преку ангажманите во стручниот штаб“– вели Наумов.

Од Брегалница силно веруваат дека Наумов ќе биде од исклучителна важност за спортскиот дел од тимот во иднина, истакнувајќи силна желба за негова долга и богата тренерска кариера.
Наумов, кој е дете на фудбалската школа на Брегалница, во богатата играчка кариера има настапувано и за Цементарница 55, Вардар, кипарските Омонија и Етникос Ахна, словачка Трнава како и чешките Славија Прага и Виктори Жижков.

ПретходноСпортмедиа анализа – Артим Шаќири: Среќа наша што го имаме Аријан Адеми!
СледноКога Пандев дебитирал за Македонија младиот Чурлинов уште немал една година!