Научниот тим на истражувачкиот центар при Универзитетот во Инсбрук, направил статистичка симулација за да добие веројатност на успешност на фудбалската репрезентација на Австрија на престојното Еуро 2020. Според пишувањата на австриските медиуми, меѓународен истражувачки тим направил симулација со пресметки според меѓународните натпревари и коефициентите на обложувалници, како и рејтингот и пазарните вредности на одделните играчи, кои велат дека Австрија има сериозно високи шанси да ја победи Македонија на премиерата во групата „Ц“.
„Веројатноста Австрија да ја победи Македонија во првиот меч од групата е 61 процент, додека 24 проценти има шанси средбата да заврши нерешено. Шансите Македонија да изненади и да ја победи Австрија се само 15%“, вели Ахим Цајлајс, раководител на проектот.
Според анализата на податоците, Австрија има високи 80,9% шанси да ја мине групата и да се најде во осминафиналето на ЕП, додека прв фаворит за освојување на европското злато е Франција (14,8%), пред Англија (13,5%), Шпанија (12,3%), Германија (10,1%) и Португалија (10,1%).