Спортмедиа анализа – Ѓорѓи Христов: Со Пандев и Елмас во нападот!

2000

Ѓорѓи Христов, познато фудбалско име на овие простори. Некогашен репрезентативец, трет стрелец во историјата на А-тимот. Имаше богата интернационална кариера, играше и во Премиерлигата, исто и во Холандија. Омилен фудбалски лик во мак – фудбалот.

Специјално за СПОРТМЕДИА, Христов ги поздравува нашите читатели со првична анализа за ЕУРО 2020 и се разбира за нашите „рисови“.

ЌЕ ИГРАМЕ СО ДВАЈЦА НАПАЃАЧИ

Веќе неколку денови во јавноста постои дилемата кој со Горан Пандев во нападот. Дали Тричковски, Трајковски или пак Елмас.

Едно е сигурно, а тоа е дека ќе играме, пред се ова го мислам за првиот меч со Австрија, со двајца напаѓачи. Дали тоа ќе биде Тричковски, Трајковски или Елмас со Пандев во тандем, останува да се види. Според мене веројатно тоа ќе биде Елмас. Тој би можел да помага и во средниот ред. Видете, првите мечеви се многу важни, веројатно најважни. Сите селектори ќе калкулираат, нема потреба и ние сега да се отвориме. Затоа подобро е на Барди и Адеми да им се приклучи Николов или Спировски како опција во средниот ред, а во нападот да ги имаме Пандев и Елмас. Се разбира лево и десно тука се Алиоски и Ристовски. Е, сега тоа би можело да се смени за наредните средби. Нема потреба од било какво премногу офанзивно делување на тој прв меч со селекцијата на Австрија. А Елмас и Пандев и тоа како можат да направат проблеми во нападот, против било кого“ започнува со својата анализа Христов.

АНГЕЛОВСКИ ИМА ПОВЕЌЕ ОПЦИИ НА РАСПОЛАГАЊЕ

За тоа какви се опциите на селекторот, Христов смета дека ги има повеќе…

Во секој случај, имаме повеќе опции, и не само во нападот како што вече реков. Можеме да смениме и формација, можеме да нападнеме. Овие момци за разлика од претходните генерации одат во битка да ја добијат, а ние игравме да не загубиме, ете тоа е разликата меѓу нас и нив. Тоа е тој победнички менталитет што го имаат тие а што го немавме ние“.

ГРУПАТА Ц Е ЗА МЕРАК

Христов смета дека има група која можеме да ја минеме.

И кога е веќе така, тогаш треба да се обидеме да ја минеме групата Ц. Ова за нас е одлична група, група за мерак што се вели. Да, имаме за ривали силни селекции, но треба и ние да си се цениме. Важно е да се дојде до добар резултат на првиот меч. Ќе биде тешко со Австрија, но не и невозможно. Украина треба да се цени, но ние сме во предност, барем јас така мислам. Украинците, за разлика од нас, имаат многу малку интернационалци, играат претежно во Динамо Киев и Шахтјор и имаат две до три дербија во сезоната. Нашите први ѕвезди играат во посилни лиги и добро знаат што значи да се игра дерби секој викенд. За Холандија што да се каже. Отсекогаш имале добри поединци, но тимски некако во последно време не се баш на некое високо ниво. А нас не краси токму тимскиот дух, играме долго време заедно, и ете тоа дава резултати“.

ЗНАЕМЕ ДА СЕ НОСИМЕ СО ПРИТИСОКОТ

Според Христов, нашиот национален тим има уште една предност пред своите ривали во групата Ц.

За сите нив трагедија ќе биде ако не ја минат групата. Затоа тие ќе бидат под притисок. Ние такви `проблеми` немаме. Тоа е добро, но во исто време и ние знаеме да се носиме со таков вид на притисок. Се сеќавате под каков притисок од јавноста ние игравме против Косово и победивме, во Тбилиси и победивме. Нашите момци покрај квалитетот имаат и огромно искуство, иако се релативно млади. А тоа се стекнува кога играш во Премиерлигата, Ла Лига, Серија А и слично.

На крај да кажам дека оваа генерација на играчи кои ќе играат на ЕУРО 2020, ми влева искрена надеж дека и ние како нација, како држава можеме фудбалски да се носиме со сите. Секако дека ќе навивам за Македонија, им ја давам сета можна поддршка на нашите момци, веројатно ќе бидам во недела и во Букурешт. Сакам да знаат дека цела држава е со нив, а нивна задача е да уживаат на ЕУРО и да го дадат својот максимум. Јас сум голем оптимист и верувам дека можеме и тоа како да се радуваме на големи нешта во текот на следните десетина дена“ заврши Христов.

ПретходноВесело е во Букурешт: Ечат песни од Гоце Арнаудов од звучникот на Елмас! (ВИДЕО)
СледноОфицијално: Гафури, Садики и Абдула уште една година во Ренова!