Каратистите пристигнаа во Париз, последната станица со ЛОИ во Токио

151

Карате федерацијата на Македонија ќе биде меѓу најбројните делегации на претстојниот олимписки квалификациски турнир за олимписките игри во Токио, што ќе се одржи од 11-13 јуни во Париз, Франција. КФМ има свои репрезенти во сите категории во борби во машка и во женска конкуренција, како и во кати за жени.

Нашите најдобри каратисти го заслужија тоа со пласманот меѓу 100 најдобри во своите категории на ранг листата на Светската карате федерација (WKF). КФМ во изминатиот олимписки циклус заврши со тројца олимписки стипендисти меѓу кои се двојниот европски шампион и освојувач на две златни медали на премиер лигите Емил Павлов, европскиот вицешампион и медитерански првак Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, која двапати беше петта на европски првенства. Петто место на сениорско европско има и Ангела Мојсовска, а седмо Симона Заборска, додека Петар Заборски и Вероника Костовска се поранешни европски медалисти во помлади категории.

Конкуренцијата ќе биде најсилна досега, затоа што светската елита е поделена во три олимписки категории, од кои пласман на олимпијадата ќе обезбедат само носителите на златен, сребрен и бронзен медал. Летните олимписки игри ќе се одржат во Токио од 23 јули до 8 август.

Македонската делагација веќе пристигна во Париз, а во неа се и селекторите во борби Сашко Арсовски и Стојан Андриевски во кати, еден од најдобрите светски судии Боби Војдиновски и Бесник Мурати, потпретседател на федерацијата. На турнирот ќе биде присутен и спортскиот директор на МОК Владо Богоевски, како дополнителна поддршка во обид да се избориме за олимписка норма.

На овој Квалификациски турнир ќе настапат 495 натпреварувачи од 98 земји.

ПретходноГатузо понуди 20 милиони евра за Серхио Оливеира од Порто
СледноУЕФА: Засега останува 33% исполнетост на стадионот во Букурешт!