Егзон Бејтулаи, дефанзивецот на македонската фудбалска репрезентација е среќен што е дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на ЕУРО 2020. Не крие дека чувствува притисок, особено дека ќе има задача да сопре многу добри напаѓачи, но истовремено порачува дека сите фудбалери во тимот знаат како да се носат со истиот.
„Се најдовме таму каде што посакувавме на Европското првенство. Многу сум среќен што сум дел од оваа репрезентација, се надевам дека ќе дадам се од себе, да оствариме најдобар резултат. Секој играч има притисок, знаеме да се носиме со истиот. Има добри напаѓачи во другите репрезентации, но и ние имаме добри играчи кои играат во добри тимови. Ќе дадам од се од себе за Македонија“, изјави Егзон Бејтулаи.
Нашата земја е дебитант на ова големо натпреварување. Добрата игра според македонскиот фудбалер ги донесе токму на ЕП. Бејтулаи порача дека навивачите треба само да веруваат во нив, бидејќи чудата се случиваат.
„Навивачите треба да ни веруваат, нашата игра не донесе до тука. Треба да веруваат бидејќи можеме да ги изненадиме. Атмосферата во репрезнетацијата е многу добра“.
Што се однесува до тактиката, вели дека за истата ќе одлучи самиот меч, поточно самиот резултат.
„Играме многу добар фудбал, не треба да се менува стилот на игра. Ако имаме резултат, зошто да не се браниме? Но, ако немаме добар резултат тогаш ќе напаѓаме“.