Италија и Турција вечерва го отвораат спектаклот наречен УЕФА Еуро 2020. Додека погледите во нашата земја се свртени кој дебитантскиот настап на Македонија в недела во Букурешт, на премиерата на ова Европско првенство кое поради пандемијата беше одложено од минатата за оваа година, ќе се соочат две селекции кои имаа исклучително добри резултати во месеците пред почетокот на настанот.
На „Олимпико“ се очекува една гламурозна церемонија на отворање на турнирот на која ќе учествуваат и светски познати музички ѕвезди. Мартин Гарикс, Боно и Еџ ќе бидат централни фигури на отворањето со виртуелен перформанс што ќе користи врвна технологија за да ги приближи навивачите кон подигнувањето на завесата на натпреварувањето.
Соработката на рок-легендите од групата U2 и еден од најголемите светски диџеи/продуценти на Официјалната песна на УЕФА ЕУРО 2020 се прошири на дигитален перформанс, со која тројцата уметници ќе се соберат како никогаш порано за славенички настап. Песната ќе биде промовирана како дел од церемонијата на отворање неколку моменти пред почетокот на првиот натпревар на турнирот меѓу Италија и Турција.
Андреа Бочели, пак, ќе ја испее „Несун Дорма“ на церемонијата на отворањето на Евро 2020, а настанот ќе вклучи појавување и на легендите на римските клубови Рома и Лацио, Франческо Тоти и Алесандро Неста, кои ќе шутираат топки на трибините за да го означат враќањето на навивачите на стадионите, со дозволени 16.000 за првпат од март 2020 година.