Спортмедиа анализа – Виктор Треневски: Да, Елмас е легитимниот наследник на Панчев и Пандев!

1732

Виктор Треневски, некогашен репрезентативец на Македонија, некогаш голема ѕвезда на Партизан, играше и за Силекс и Пелистер, а дел од својата кариера ја мина и во Мексико. Пред 3-4 години беше тренер на Работнички кога токму тој му даде адекватна шанса на Дијамантот Елиф Елмас.

Кога сме кај Дијамантот, кај Елиф Елмас, многумина се сложуваат со тоа дека токму тој е легитимниот наследник на Панчев и Пандев.

Да, за мене нема дилеми дека Елмас е наследникот во вистинска смисла на зборот на Панчев и на Пандев. И затоа ако јас се прашувам, јас би го ставил веднаш до Горан во нападот. Она негово симпатично `бате Горан` кажува многу. Покрај Горан, и Елмас ќе биде послободен, тука лево е и Алиоски со кога феноменално се надополнува. Мрме знае што е најдобро, но јас сметам дека Елмас треба да биде понапред, да не се троши премногу во непотребни дуели и спринтови во средниот ред. Тој е играч кој што на теренот работи инстиктивно, има потег на момент, тоа го прават само големите, најголемите фудбалски мајстори. Јас уште кога беше мал, кога Елиф беше дете, знаев дека од него ќе стане голем, голем фудбалер“, вели Треневски.

БЕВ ПРОРОК ВО ВРСКА СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА…

По оној пласман на У-21 на ЕП во Полска во 2017 година, Виктор тогаш кажа дека таа генерација за многу брзо време ќе ја одведе Македонија на ЕП или СП.

Да, да. Мило ми е што се сеќавате на тие мои зборови. Како да бев пророк тогаш. Јас и тогаш бев воодушевен од таа генерација која просто експлодира заедно со Пандев и останатите повозрасни свои колеги во А-тимот. И кога ќе се направи систем кој функционира, кој дава резултат, кога ќе се спојат искуство, квалитет, младост па и фудбалски мангуплак, се дава овој резултат, а тоа е пласман на ЕУРО 2020. Јас сум многу горд, многу сум среќен што Македонија ете конечно се најде во елитата на европскиот репрезентативен фудбал. Тоа оваа генерација го заслужува. Максимално психички спремна, феноменален среден ред, одлична одбрана, а за нападот што да се каже кога тука е Горан Пандев. Секоја чест за момците и нашиот стручен штаб. Оваа генерација има победнички менталитет, што беше реткост во минатото“ посочува Треневски кој од Марибор, од својот дом ќе ги следи настаните на ЕП.

ЗОШТО ДА НЕ ИЗНЕНАДИМЕ ВО ГРУПАТА?

И тој како и сите останати наши коментатори смета дека Македонија може позитивно да изненадиме во групата Ц.

Па, по мене групата е добра за нас, за мерак. Знам дека на ова ЕП нема да се однесуваме како туристи, туку ќе настојуваме да ја минеме групата. Сите ривали, Австрија, Украина и Холандија се силни репрезентации, добро е што ние ќе бидеме во улога на аутсајдери, но сега веќе после таа победа над Германија сите не гледаат со други очи што се вели. Верувам дека ќе играме растоварено, дека, како што рече капитенот, нема што да загубиме. Мечот со Австрија според мене ќе биде најважен за нас, тој ќе го даде патоказот како ќе се однесуваме ние на ова ЕП понатака. Искрено, без лажна скромност јас сум оптимист, верувам во овие феноменални момци дека можат да ја изненадат фудбалска Европа и да се пласираат во следната фаза. Не смеат против Австрија да играат како Турција што одигра со Италија, мора да покажеме заби во Букурешт, да нападнеме, да ја играме нашата игра“.

ОВИЕ МОМЦИ НЕ ЈА СМЕТААТ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА КАКО МОСТ ПРЕКУ КОЈА ЌЕ СЕ ПРОДАДАТ

Колку е воодушевен Треневски од оваа селекција, говорат и следните негови зборови…

Имено по првпат имаме репрезентативци кои не ја сметаат репрезентацијата како мост преку која ќе се продадат, туку како врв на својата фудбалска кариера. Така и треба да се смета дресот на својата земја. Ова во многу потсетува на тоа што Хрватите го прават веќе со децении. Затоа и оваа Македонија има успеси, има такви резултати какви што има, а тие се одлични. Инаку јас не мислам дека со ова ЕП завршува нешто со оваа генерација. Не, напротив. Јас сум сигурен дека и по ова ЕУРО ние ќе се радуваме на добри резултати, на победи, на пласмани на ЕП и СП. Верувам дека нашето наредно учество на една голема фудбалска смотра ќе биде веќе во Катар на СП во 2022 година. На крајот да им порачам на сите во нашата експедиција – само напред момци, вие имате квалитет, вие сте херои на нашата нација. Ја имате поддршката од мене Виктор Треневски. НАПРЕД МАКЕДОНИЈО“ заврши нашиот познат стратег.

ПретходноСите плачат на Паркен во Копенхаген – Кристијан Ериксен се бори за живот!
СледноФФМ со поддршка за Ериксен: Биди силен Крис!