Добро утро Македонијо: Ова е денот кој долго го чекавме, повеќе од 28 години!

412

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Денеска е 13 јуни 2021 година. Историски за Македонија, за спортска, за фудбалска Македонија. Ова е денот кој долго, долго го чекавме. Некој ќе каже цели 28 години, од 1993 година па наваму, а некој уште многу, многу подолго.

И во право се сите, посебно ако се знае дека со нас Македонците историјата секогаш си поигрува. Но за тоа потоа, сега за фудбалот.

Денеска од 18 часот во Букурешт нашата најдобра фудбалска репрезентација за првпат во својата историја ќе одигра еден натпревар на ЕП. За првпат нашата химна ќе ечи, за првпат цел фудбалски свет ќе гледа Македонија.

Ние сме горди на тоа. Долго чекавме, и затоа денеска нека биде празник на фудбалот. Нека целата нација биде со нашите херои, со Пандев и компанија. Нека заедно го направат овој ден за паметење.

Деби настапот да биде и со добар резултат.

Ова го чекаваме од Крањ па наваму. И конечно дочекавме. Ова е таа победничка генерација која го направи она што досега никој го немаше направено.Генерација која од ништо не се плаши, генерација која ги разгали сите фанови кои досега во тие 28 години доживуваа премногу горчина отколку радост од својата репрезентација.

Но, времињата се менуваат….нели…ОВА Е НАШЕ ВРЕМЕ.

БУКУРЕШТ 1913, БУКУРЕШТ 2008, БУКУРЕШТ 2021…

Рековме веќе, речиси секогаш историјата со нас си поигруваше, никогаш не не “галеше“. Букурешт е градот кој цел век и повеќе го проколнуваме. Токму во тој град, во таа далечна 1913 година, Македонија го доживеа најголемиот пекол, Македонија беше распарчена на три и повеќе дела. Распарчено беше тоа ткиво на Македонија во август 1913 година.

И секогаш останува тагата, прашањето што ќе беше со Македонија ако не се случеше Букурешт 1913 година. Којзнае…

Букурешт ќе го паметиме и по лошо и од случувањата од 2008 година кога еден од соседите не ни “дозволи“ да влеземе во НАТО. На конференцијата на НАТО таа година во главниот град на Романија за првпат во нашата понова историја и левите и десните беа заедно, беа решени да успееме. И не успеавме не поради наша вина. Една деценија подоцна ние сепак сме во тоа друштво. Но остана горчината.

И еве сега одново сме во Букурешт каде денеска се пишува историјата.

Но, сега е поинаку. Сега ние се прашуваме. Денеска никој друг нема да решава за нас, за првпат. Оваа денеска е една друга Македонија, победничка Македонија, која како што веќе рековме, не се плаши од никого, па ни од Австрија. Оваа Македонија е онаа Македонија со која сме горди. Македонија која е обединета на фудбалски план. Македонија која заедно навива за Горан, Елиф, Енис, Џани, Стефан, Аријан, Алекс, Бобан… и кога е така, кога сме заедно сите, е тогаш сме МНОГУУУ ЈАКИИИ.

Па…добро утро Македонијо! Ова е денот кој долго го чекавме, денот кој засекогаш ќе го паметиме.

ПретходноЛукаку е машина: Со 61 гол е апсолутен рекордер на Белгија!
СледноКлиперси ја декласираа Јута и намалија во серијата (ВИДЕО)