Сезоната во Лигата на шампиони денеска и официјално завршува. Келн ќе го даде новиот владател во ракометна Европа, во финалето силите ќе ги одмерат Барселона, тим кој знае како се освојува пехарот, и Алборг, кој е најголемото изненадување оваа сезона.
Пред финалната пресметка, Нант и ПСЖ (15:15 часот) ќе се сретнат во мечот за третото место. За Кирил Лазаров и неговиот тим самиот пласман на Ф4 е голем успех, на патот кон Келн урнаа големи имиња, како Келце и Веспрем, за жал не успеаја да ја повторат истата игра против каталонскиот гигант.
Шансите да стигнат до бронзата не се мали, тие веќе еднаш го победија ПСЖ предводен од Раул Гонзалес. Во домашниот шампионат славеа со 24-25. Ниту првата средба не заврши со голема разлика во корист на ѕвездите на ПСЖ (24-26), па токму затоа француската пресметка за бронзата треба да биде и тоа како возбудлива.
Овој меч може да биде и последен на Кирил Лазаров во Лигата на шампиони. Нант не успеа преку домашното првенство да обезбеди билет, не се пласира во финалето, само вајлд-карта може да му донесе нова сезона во ЛШ.
Но, сето ова ќе биде познато во текот на овој месец.