Пред само неколку месеци македонскиот национален тим одигра на „Националната Арена“ во Букурешт меч со Романија. Беше тоа квалификациски дуел кој го загубивме со 3:2. Со многу среќа Романците не совладаа.
Денеска Македонија во Букурешт ќе урива и едно проклетство. Ниту еден наш фудбалски тим или репрезентација нема победа во тој град. До пред неколку месеци беше и без даден гол, а сега имаше два. Но победата и натаму ја чекаме.
Во 1997 година Македонија во Букурешт одигра со Романија и загуби во Букурешт со 4:2 во квалификациите за пласман на СП. Тогашниот тим на Слога Југомагнат во 2000 година гостуваше кај Стеауа и загуби со 3:0. Пет години подоцна Вардар загуби во Букурешт од Рапид со 3:0. Следуваше дуелот на Стеауа и Вардар во 2013 година во квалификациите за ЛШ и победа на Стеауа со 3:0. Тој меч се одигра на истиот овој стадион на кој Македонија ќе игра денеска.