ФОТО: Димитар Петковски
„Нека грми на трибини кога за тебе пееме, ќе ни даде господ сила заедно да славиме. Македонија….“, тоа се дел од зборовите од нашата навивачка химна испеана од Тоше Проески.
Деновиве Македонија е фудбалска, радосна и во еуфорија. Дочекавме! И ние играме на големо натпреварување. Секоја чест на ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, но ова што се случува во Букурешт е сосема друга димензија, некој нов свет за нас Македонците.
Ова е убавина, полно срце, емоции. Можеби сме од земја која не цвета во останатите сфери, но ете тука и сега сме горди. Знаеме да се радуваме, да славиме… Добар народ сме ние Македонците! Не правиме конфликти, проблеми, eдноставно уживаме, пееме славиме – и знаеме како тоа да го контролираме.
Романците се радуваат со нас. Ние некако сме им близок народ. Зачудени колку многу не има во Букурешт, а колку ли и ќе не имаше ако стадионот имаше полн капацитет. Не има тука од сите страни на светот и од сите градови во нашата ни Македонија.
Не има од Скопје, Тетово, Струмица, Битола и останатите градови, па и земји. Сите се едно – едно големо ЕДНО за Македонија. Проблемите, ривалствата, нетрпенијата и останатите работи ги оставивме дома. Тука сме заедно, да навиваме и се надевам да се радуваме.
Судбина или не знам што ли е!? Но, вакво обединување ни се случува тука во овој проклет за нас Букурешт! Во овој ист град на 10. август 1913 не поделија, не распарчија… Тој „мировен договор“ е фателен за нас Македонците.
Денеска 108 години подоцна! Букурешт е полн со Македонци! Полн со „црвено-жолтите„ бои. Тука кај што не поделија еве сега се обединуваме! Убаво е кога сите се заедно и имаат иста мисла. Без разлика на се што ќе биде за неколку часа. Фудбалерите ја исполнија мисијата – го направија народот горд и единтвен – весел и храбар!
А има уште неколку часа и минути до натпреварот со Австрија. Сега одиме храбро кон стадионот, да ги наполниме трибините да ги бодриме нашите фудбалери. За некој час или минути ќе „грмне“ – Денес над Македонија се раѓа. Момент кога емоциите ќе работат, момент кога некои гордо ќе пеат, а пак на други ќе им треба сила, ќе стиснат заби за да не пуштат некоја солза.
А успех вечерва би значело: „Нека знае сега светот за нас Македонците…“ Напред момци, да е вечна Македонија!