Нема предавање, момци одиме до крај!

252

Еден пораз не менува ништо. Дебитиравме, видовме дека можеме! Македонија не е залутана на ЕП, а тоа го покажа многупати до сега, но и вечерва на дуелот со Австрија.

Ах таа пуста Австрија. Не можеме никако и никогаш со нив. Не дека се нешто екстра, машинерија или не знам што. Едноставно! Не ни оди, па не ни оди. А кога не ни оди и да се преврти земјата, не бива и не бива…

Имавме 1:1, имавме добри но и лоши периоди но ете евтин гол за 2:1, пад на концентрација на десната страна и ротација на Ангеловски која ја урна стабилноста која ја имавме на таа страна, која беше на место до еден час од играта. Знаевме за силата на Австрија, но знаевме и за нашата. Тие ситни моменти, тие непотребни губење на енергија во нервозните потези по ситните на подарок-одлуки на шведскиот полицаец Екберг.

Нема потреба од разочарувања. Ова е ЕП и тука мора да се вклопат многу коцки. Треба да се учи од грешките, а тие кои влегуваат од клупата да бидат исти како оние кои ги менуваат. А нашите беа во ред до 65. минута од играта. Контрола, храброст исилен ветер од најдобрата публика на светот. Таа публика виде и процени!

„Фалангата„ побара победа од трибините, фудбалерите секако дека слушнаа но… Австрија е таа која се радува. Имаа среќа, имаа концентрација сила и поголем фонд на подобри фудбалери на клупата. Прво 2:1 па и 3:1 кога тргнавме на се или ништо. Ќе беше супер со бод како планина да одиме во напад на Украина. Сега немаме бод, немаме планина, но мора да имаме напад на Украина. Тоа е и беше нашата шанса, нашиот обид да се прескокне групата да се освојат бод или бодови во групата. Момци имате време за одмор иако се гледа дека нозете се тешки, дека срцето сака а телото не може. Дека гинете за секоја топка, за секој метар на теренот. Гинете и треба да знаете дека сите сме со вас. Ништо не е загубено, се може да се сврти во наша корист.

А капитенот Пандев руши нови рекорди како лидер на овие наши херои. Вечерва испиша нова историја, стана нашиот прв стрелец на гол на големите натпреварувања. Моменти кои само говорат за големината на нашиот „Гранде“. Кога се има ваков фудбалер на теренот лесно е да се игра. Со Пандев фудбалот е убав за гледање а националниот тим секогаш подготвен да игра на победа.

Ајде сега без многу разочарувања. Само храбро против Украина и Холандија. Па погледнете што направивте. Цела нација е со вас, фановите го кренаа на нозе Букурешт, а во нашата земја времето како да застана за време на овие премиерни 90. минути на ЕП. Веруваме дека можете!

ПретходноУЕФА го прогласи Алаба за ѕвезда на мечот!
СледноЕлмас: Ова за нас беше добра лекција, се надевам на подобри резултати во следните два меча