Македонијо, главата горе!

276

Првите денови од ЕП донесоа бројни возбудувања. Но, и трауми.

Фудбалската еуфорија на нашиот континент на неколку часа ја “смрзна“ шокантната ситуација на “Паркен стадионот“, во саботата во Копенхаген. За среќа, данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен преживеа. Тој е неспорниот победник. И во фудбалска и во животна смисла.

Точно е дека Италијанците им очитаа лекција на Турците, Белгијанците ја прегазија Русија, Англичаните ја добија Хрватска…Меѓутоа најубавата приказна досега на УЕФА ЕУРО 2020 доаѓа од Букурешт.

Главниот град на Романија изминатиот викенд беше како да е во “Македонија“. Добро, во „Северна Македонија“, еве барем еднаш да бидам политички коректен поради Грците.

Илјадници Македонки и Македонци направија супер атмосфера во романската метропола. Толку емоции, позитивен национален набој, гордост и патриотизам ретко може да се видат на некои големи фудбалски натпреварувања во последно време. Воопшто.

Навивачите на Македонија брилјираа на Националната Арена во Букурешт. Беа фантастични. Достоинствени. И во поразот. Пораз кој не треба (премногу) да боли, ма колку тоа да звучи излитено.

Едноставно, вашите репрезентативци се бореа до последниот атом од својата сила. Играа дисциплинирано, агресивно (во две третини од мечот), тактички коректно. Во дел го платија и данокот на неискуството во дебитантскиот настап на УЕФА ЕУРО. Вистина Австрија беше подобра. Мора да се признае. Ги искористи шансите. Ги искористи индивидуалните грешки на ривалот. Заслужено победи.

Но, триумфираше Македонија. На трибините без дилеми. И на теренот во еден поширок контекст. Да се видат како Горан Пандев, Елиф Елмас, Езџјан Алиоски, Аријан Адеми, Дарко Велковски, Енис Барди…се борат лавовски еден за друг, за тимот, за својата држава. Непроценливо.

Среќата кога, тогаш ќе ги награди храбрите, срчаните, борбените и достоинствените. Нека биде така против Украина и Холандија.

Македонијо, главата горе.

ПретходноМерак за душата, дечињата од Могила навиваат за Македонија (ВИДЕО)
СледноЗатоа е ГРАНДЕ: Пандев на 37 години истрча 10 километри!