Селекторот на женската младинска репрезентација, Саша Димитријевиќ, почна со подготовките со девојките кои ќе ги бранат боите на дресот на Македонија на Европскиот „challenger“. Меѓународниот турнир, со изменет систем поради пандемијата со COVID-19, ќе се одигра во Скопје, во салата СРЦ „Кале“ во периодот од 13. јули до 18. јули.
Димитријевиќ ќе ја комплетира репрезентацијата до 20 години за неколку дена, со приклучување на преостанатите кошаркарки кои потврдно одговорија на неговиот повик.
„ФИБА турнирите и во машка и во женска конкуренција оваа година немаат резултатско значење поради ковид ситуацијата во цела Европа и одлична шанса низ 4 натпревари да видиме на кои од репрезентативките ќе можеме да сметаме во наредниот период за сениорскиот состав.
Некои од девојките веќе беа дел од сениорските акции, но секогаш кога има можност за силни меѓународни натпревари тоа треба да се искористи.
Имаме помалку од еден месец подготовки, истите ќе ги искористиме да ја подготвуваме генерацијата 2002 за наредното лето. Поголемиот дел од нашата екипа за овој ’турнир’ се девојки родени 2002 што значи дека ќе играме со една година помлади играчи“, вели Димитријевиќ.
Репрезентацијата не е комплетна, допрва ќе се приклучат ијана Митрева и Ивoна Кожобашиовска, а се очекува и Матеа Николиќ да се рехабилитира по повредата на грбот. На овој турнир Димитријевиќ нема да смета на Селцова поради повреда.
„Првата фаза ќе ја поминеме во Скопје па нè очекува втора фаза 7 дена ’висински’ подготовки и трета фаза, повторно во Скопје пред самиот турнир. Важно ќе биде да се подготвиме добро, да бидеме здрави пред сè и да направиме да сите играчи што ќе ги имаме на располагање бидат подобри.
На почеток на јули ќе ни се приклучат Тијана Митрева и Ивoна Кожобашиовска кои играат во Италија и имаат обврски со клубот, Матеа Николиќ има повреда на грбот која се третира, очекуваме и таа да почне со тренинг со надеж дека барем 10 дена ќе ги имаме сите играчи на тренинг со кои ќе настапиме во Скопје на турнирот.
Хендикеп за овој турнир е што нема да можеме да сметаме на Селцова која полека се враќа од тешката повреда на коленото и со тренинг во сала ќе почне дури во август“.
На Саша Димитријевиќ во стручниот штаб ќе му помагаат Анета Глигорова и Бранко Крстевски.