Младиот стратег Стојанов Александар е назначен за нов шеф на стручниот штаб на ФК Беласица.
Управата на ФК Беласица му ја довери оваа позиција, бидејќи амбициите и целите на клубот се совпаѓаат со оние на Стојанов – експресно враќање на ФК Беласица во прволигашкото друштво.
Стојанов, како фудбалер е производство на школата на ФК Беласица, а бил и член на Хоризонт Турново и Победа Прилеп, пред повторно да се врати во ФК Беласица каде ја завршува играчката кариера.
Тренерската кариера ја започнува исто така во матичниот клуб, каде го водеше клубот во третата лига. Од 2015 е член на ФК Академија Пандев, каде беше тренер во младинските категории и го освои купот со генерација 2001. Две години беше и асистент тренер во првиот тим, а последната година беше координатор на младинската школа, каде под негово водство ФК Академија Пандев заврши на прво место на целокупната табела.
„За мене преставува огромна чест и задоволство што после долги години ми се укажа прилика од страна на раководните луѓе да се вратам во мојот матичен клуб. Ќе се трудам да работам најдобро што можам, ветувам напорна работа, а сите во клубот си поставуваме една цел, а тоа е за 100 – годишнината на клубот, роденденскиот поклон за нашите навивачи да биде експресно враќање во ПМФЛ.“ – изјави Стојанов.