Како кажува клишето – првата не се заборава така лесно. А веројатно тоа уште повеќе важи за првите кои од таа или онаа причина болат. Ние на северот на некогашна Југославија за тоа знаеме многу повеќе кога е во прашање ЕУРО, и кога станува збор за првата, историска средба на тој турнир.
И повеќе, прв натпревар на било кое големо натпреварување. Беше тоа во 2000. година кога Словенија досега единствен пат настапи на европско првенство. Да, знам, чудно е од три настапи дури две да се на СП, на кое е многу потешко да се пласираш – но што се може, тоа е.
Кога беше потешко на словенските фудбалери работите им одеа подобро од рака што се вели, па така се пласираа на Мундијалот преку лудо силната Русија во 2009.година. А не им помогна ни проширувањето на 24 репрезентации, ниту Лигата на нации, ни Чеферин како претседател на УЕФА, да фатат уште некое ЕУРО.
Но беше што беше, да се вратиме на оној единствен ЕУРО пред 21 година, и ако се сеќавате како Златко Заховиќ и друштвото минаа на дебито во Бенелукс со задоволство (секако болно) ќе ве потсетам. Навистина земаа бод и пред натпреварот за тој бод ќе дадеа годишна плата и еден бубрег. Но, кога човек ќе се присети на драмата во Шарлроа – боже драги, од тоа не е полош ниту еден пораз.
Противник Југославија – не знам точно како тогаш официјално се викаше и што од неа остана. Значи не само наше деби на големите натпреварувања туку и деби со посебно емотивно значење. Можете тогаш да замислите како беше во второто полувреме да водиш со 3:0 и да имаш играч повеќе по исклучувањето на легендарниот Синиша Михајловиќ. И можете замислите како тоа на тој натпревар да не се победи. Голем данок на неискуството. Секако поголем од оној кој го плати Македонија во неделата. Нема што многу да се филозофира – мојот агол на гледање не менува ништо, сите го видовме тоа што и самите можевте да го видите.
Беше тоа екипа која секако докажа дека на ЕУРО не е залутана – ако после Германија таков доказ и беше потребен. И беше тоа екипа која со повеќе искуство и со помалку емоции ќе ги земеше тие 1:1 – тоа сигурно колку во фудбалот некоја работа може да биде сигурна. Тука го имаше веќе споменатиот данок, имаше тука казни за добронамерните грешки во желбата да им се подари на своите навивачи победа. Ќе имате време за тоа да размислувате.
Како и колку секако дека ќе зависи и од двата следни меча. А кога веќе го споменувам зборот казна би сакал да додадам уште нешто. Колку и да беше победата на Австрија заслужена навистина се надевам на строга казна за Марко Арнаутовиќ, стрелецот на третиот гол.
Од сите работи поради кои македонската репрезентација ми е драга, секогаш најмногу ми се допаѓаше тимскиот дух на момците од различна националност и вера. Нивното очигледно пријателство, нивното „сите за еден и еден за сите“. И ме убива кога ќе видам што и како австрискиот напаѓач кажа, што направи, како се однесуваше. Тоа беше единствена вистинска дамка која треба добро да се очисти – се останато е фудбал, се останато боли – па макар и 21 година – оној здрав фудбалски начин.