За успешна приказна потребна е напорна работа. Ниту една репрезентација не се создава преку ноќ, а кога во најава има промена на генерација, во тој случај треба и тоа како да се внимава и да се гради стратегија.
Ракометната репрезентација е нашата најуспешна национална селекција, со години редовно е на големите натпреварувања, а за да продолжи овој тренд и во иднина, предводникот Кирил Лазаров, создаде Б-тим, ги повика сите оние ракометари кои во текот на сезоната даваа искра надеж дека можат да дел од најдобрите.
Мисијата со Б-репрезентацијата почнува денеска. Во хотелот „Парк“ утринава ќе се појават сите оние 24 играчи кои се најдоа на списокот на Лазаров, кој пак само неколку дена по фајнл-фор завршницата и се стави на служба на својата земја. Заедно со своите соработници во следните денови ќе работат со овие момци, а потоа ќе имаат и две контроли.
Србија, исто со втор состав, ќе биде нашиот противник во овој собир. Двата меча се играат во Ниш, на 19. и на 20. овој месец.
На списокот се најдоа и играчи кои веќе биле дел од сениорскиот состав и добиле шанса, има и такви кои за првпат добиле повик. Секој ќе има шанса да се докаже и да се избори за место меѓу најдобрите.