Утре нашата репрезентација во Букурешт ќе го одигра својот втор меч на ова ЕУРО. Ривал ни е селекцијата на Украина, предводена од иконата на фудбалот во таа земја Андриј Шевченко. Некогашниот ас на Динамо Киев, Милан, Челзи, селекцијата на Украина, утре својата репрезентација ќе ја предводи од клупата против Македонија, како селектор.
Секако дека Шевченко во пресрет на овој меч убаво ќе се присети што го снајде на 31 март 2004 година на тогашниот Градски во Скопје, на пријателскиот меч кога загуби со 1:0 и кога му беа искршени неговите заби од нашиот тогашен репрезентативец Милан Стојановски.
НЕ БЕШЕ НАМЕРНО…
На трибините 16.000 гледачи, сите дојдоа да го видат Шева. Претходно на тренингот беше хаос поради сегашниот селектор на Украина. На нашата клупа Драган Канатларовски, на спротивната Олег Блохин. Одлична репрезентација имавме, Милошевски, Седлоски, Митревски, Васоски, Стојановски, Шаќири, Ставревски…
На другата страна беа Шевченко, Шовковски, Тимошчук, Ребров, Хусев…
Со голот на Ставревски во 26.минута Македонија поведе со 1:0, се испостави дека тоа беше и конечниот резултат. Но во финишот на мечот непријатна ситуација.
Специјално за СПОРТМЕДИА, ја опишува директниот актер на тој инцидент, Милан Стојановски.
“Уф, минаа 17 години, а како вчера да беше. Тогаш Шевченко беше најголемо име во фудбалот, барем според мене. За мене тој и Марко ван Бастен се најдобрите напаѓачи, ги обожавав. Но тогаш играв против Шева. Навистина ми е криво, не бепше намерно. Па тој налета на мене и се случи таа повреда на устата, односно му беа скршени неколку заба. Се налути и замина во соблекувалната. Тоа беше во жарот на борбата, но сепак ми е криво. Во секој случај не беше намерно“ вели Стојановски, кој сега работи како тренер во Академијата на ФК Партизан.
ГОРД СУМ НА МАКЕДОНИЈА
Стојановски вели дека е горд на оваа репрезентација, која го оствари сонот и на неговата генерација.
“Да, ние ете немавме среќа да се пласираме на едно големо натпреварување, но јас сум горд што ете оваа на Пандев, кој е фудбалски мајстор, успеа да се го оствари сонот на сите генерации. БРАВО, СЕКОЈА ЧЕСТ за сите кои се заслужни за овој голем успех. Јас од Белград со срце навивам за нив, така беше и со Австрија, така ќе биде и со Украина на утрешниот меч. Ова е голем натпревар за нас, верјатно решавачки, затоа се надевам, очекувам дека ќе победиме“.
ПОМАЛКУ ЕМОЦИИ…
Стојановски сака нешто да им порача на Пандев и другарите во пресрет на утрешниот натпревар.
“Да, атмосферата во Букурешт беше фантастична во неделата, тие 5.000 наши фанови им дадоа крилја на момците, но сепак ова е фудбал, ова е ЕП и треба да се игра со помалку емоции. Мислам дека ако беше обичен меч, ние со Австрија сигурно ќе освоевме бод, вака носени од фановите сакавме до победа. Но, тоа што беше сега не може да се врати. Сега треба да гледаме што и како утре да победиме. Иако не треба да им се става притисок на Пандев и другарите. Она што досега го направија е фантастичен упех, сега треба само да уживаат и да покажат што знаат, а знаат многу. Им посакувам многу среќа и се разбира НАПРЕД МАКЕДОНИЈО“ заврши Стојановски, нашиот некогашен репрезентативец.
Сосема за крај тој не заборави да каже дека речиси со сите од неговата генерација постојано е во контакт, се интересира за се она што се случува во Македонија, во фудбалска Македонија и дека посакува уште вакви пласмани на големи натпреварување.
На ред било СП во Катар, така рече Милан Стојановски, Македонецот кој пред 17 години му ги скрши забите на големиот Андриј Шевченко.