Туширање со „топлата вода“ на Мрме!

8391

Една Македонија во првото и друга Македонија во второто полувреме. Од крајност во крајност. Со Австрија фатален финиш, сега со Украина очаен старт, прв дел за заборав, за никаде…

Играме на ЕП, зад нас е тој тежок пат до ЕП и херојскиот подвиг на фудбалерите. Но, тука во Букурешт „алките“ не се на своето место. Тука нема простор за експерименти и измислување на топла вода. Сами си губиме, сами поради свои грешки. Ако може Финска да победува, треба барем и ние некој бод да освоиме.

Како ја победивме Германија!? Каде е таа Македонија!? Изгубивме од Австрија и Украина кои се далеку од кремот, од врвот како што на пример беше една Германија.
И наместо да играме фудбал како што се игра, како што почнавме да играме откако губевме со 2:0, ние влегуваме во натревар без душа, без смисла, без ништо…

Тоа денешно прво полувреме, таа „топла вода“ на селекторот Ангеловски донесе до наше туширање од страна на Украина.

Зошто? Зошто? Зошто?

Стефан Спировски не ја оправда улогата, позицијата на Бобан Николов, загубената средина без потреба.

Алекс Трајковски и дефинитивно не е за на клупа! Со него до 60. минута со Австрија имавме 1:1, денеска со него нова димензија во играта, бомба за пречка и пенал врз Пандев, удар за 2:2 кој за малку мина крај голот. Има голем осет да фудбал, контрола на игра и радиус на движење. Кога го нема Нестор, токму Трајковски треба да трча за Пандев. Вака Пандев и со две инјекции во ногата издржа нови 90 минути.

Аплаузите за Столе Димитриевски кој го имаше својот најдобар репрезентативен настап, одбрани и пенал, но сето тоа нема финален ефект. Муслиу и Велковски беа подобри со Австрија, Стефан Рисовски ни требаше, а го немаше во офанзивните задачи. Барди просечен, Алиоски стандарден, а Адеми може и повеќе, ќе беше и тој стрелец во онаа шанса во 47. минута која не му беше одбранета од голманот на Украина.

Ако со Австрија, Ангеловски ги утна замените – сега ги утна стартните 11. Но и Адеми на клупа во финишот, а Елмас на терен. Елмас кој беше „невидлив“! Од резервите Трајковски беше топ, донесе каков такопв пресврт, Чурлинов имаше подобар ефект од Николов, Ристевски и Аврамовски ништо екстра, исто како и Тричковски (не влезе во шанса немаше ни време).

И кога сме кај „топлата вода“ таа најчесто доаѓа од добри греачи. Кај нас има многу греачи на клупа по клубовите, затоа на вакви натпревари треба многу повеќе од среќа. Треба знаење, кондиција, континуитет…

Кога се националните бои и интерес во прашање нема суети. За на ЕП нема и не смее да има суети. Од тие пусти суети ние сега ете немаме класичен шпиц, сидраш, гол играч (се знае на кого се мисли).

Од грешките треба да се учи, од критиките да се знае дека секој меч е нова приказна и дека минатото е едно, а сегашноста друго!

ПретходноБела или црна точка: Од пет пенали на ова ЕП само Роналдо даде гол!
СледноКаков господин: Шева го прегрна Пандев, па се поздрави со сите наши фудбалери (ФОТО)