Ако во минатата сезона Академија Пандев, после Шкендија, го имаше најзвучниот напад, се чини дека во следната нема да биде така. Барем сега така стојат работите. Имено Кире Маркоски се пресели во Шкупи, Марјан Радески и официјално се прости од “пандевци“, а може да си оди и Марио Крстовски.
На офанзивецот му истече договорот и сега клубот настојува да го задржи. Ќе има разговори и преговори меѓу челниците на Академија Пандев и Крстовски, но ќе видиме допрва дали ќе има и конечен договор.
Веќе од поодамна се знае дека клубот го напушти и Ѓорѓи Стоилов, еден од клучните играчи во средниот ред на тимот кој и во наредната сезона ќе биде предводен од Алексансдар Васоски.
Во моментов се преговара со повеќе евентуални засилувања, сепак допрва ќе се знае кој се од очекуваните трансфери ќе се реализираат.