Репрезентацијата на Шкотска одигра 0:0 против Англија на „Вембли“ и го освои првиот бод на ЕП со што се најде во позиција да се бори за осминафинале. За играч на натпреварот беше избран шкотскиот дефанзивен играч за врска Били Гилмор. Момчето има само 20 години и е член на Челзи.
За него ова беше прв натпревар како стартер и одигра маестрално. Играше до 76. минута го „онеспособи“ Мејсон Маунт да ги разигрува англиските напаѓачи имаше 40 точни пасови или 91% успешни пасови.
Гилмор беше во поширокиот список на Стив Кларк но не и во прв план. Влезе во тимот непосредно пред ЕП. Оваа сезона тој не се изнаигра во Челзи, првиот дел од сезоната го пропушти поради повреда, меѓутоа менаџерот на „сините“ Томас Тухел му го отвори патот на младиот играч на ЕП. Во март, германскиот стратег го посоветува селекторот Стив Кларк да го земе Гилмор во националниот тим.
„Го препорачувам за во националниот тим на Шкотска, тој има потенцијал. Можевме да го пуштиме на позајмива зимоска, но јас одлучив тој да остане на „Стемфорд Бриџ“. Били не игра често затоа што се соочува со три предизвици: Канте, Жоржињо и Ковачиќ“, изјави Тухел.
По повредата на Канте во финишот на сезоната, Били одигра три меча по ред и покажа фантастични перформанси. Тој е и најмладиот фудбалер на Шкотска што настапил на меч од ЕП.
„Кој е Били Гилмор? Можам да кажам дека тој е шкотскиот Нголо Канте“, изјави дефанзивецот на Кристал Палас Патрик Ван Анхолт.
Кој е Гилмор?
* Неговиот прв клуб е Ренџерс. Во 2017 година премина во Челзи за 600.000 фунти.
* Во училиште покрај англискиот јазик го изучува шпанскиот, францускиот и кинескиот јазик.
* Пред дебито за Челзи, Гилмор позираше за „Барбери“, британски бренд на облека, аксесоари и луксузен накит.
* Со Челзи беше младински европски првак во 2018 година, оваа година ја освои и ЛШ со сениорскиот тим.
* Минатата сезона беше прогласен за најдобар играч во младинскиот тим на Челзи