Од пред неколку дена е познато дека на вечерашниот последен наш дуел на ова ЕУРО 2020, против Холандија во Амстердам, правдата ќе ја дели Иштван Ковач од Романија, еден од најдобрите судии во својата земја.
Ова нему ќе биде прв натпревар на ЕУРО како главен судија. Досега во два наврати беше четврти судија на средбите Финска – Русија 0:1 и Полска – Словачка 1:2.
Ковач има 36 години, а во својата судиска кариера им судел на Работнички и Шкендија.
На 23.07.2015 тогаш Работнички ја победи Јелгава во квалификациите во ЛЕ, во таа сезона „романтичарите“ стигнаа во плеј – офот во Лигата на Европа. Интересно е тоа што тогаш тренер на Работнички беше Игор Ангеловски, кој сега ја предводи нашата репрезентација. Значи Мрме се има радувано кога Ковач му судел, па нека биде и така и вечерва. Нема да имаме ништо против.
Две години подоцна, исто во Скопје, Романецот и судеше на Шкендија, и тоа против Милан во плеј-офот во Лигата на Европа, кога тетовци пред 25.000 гледачи беа поразени од гигантот со 1:0.