Пораз од 3:0 во последниот меч на ова ЕУРО на Македонија и тоа во Амстердам од Холандија. Сепак, желбите се едно, а можностите сосема друго. Македонија не одигра лошо одново на моменти од овој натпревар, но се додека не примивме гол, потоа се беше потешко.
Едноставно тешко не “отворија“ а лесно потоа не “наполнија“.
Секако дека тука своја улога имаше и фамозниот судија Иштван Ковач, и тој проклет ВАР. Тој прв гол на Холандија беше грешка на ВАР, тој гол на Депај. Два поништени голови за нас поради офсајд, а следуваа два гола на Вајналдум за 3:0 за простување на Македонија од ова ЕУРО.
КОГА КОВАЧ И ВАР СУДЕА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА
Повторно добро почнавме, и така е кога играчите играат на своите природни места. Се играше 9.минута кога Македонија ја затресе мрежата на Штекенелбург. Тричко излезе сам пред домашниот голман и ја затресе мрежата, но ВАР рече дека било офсајд. Штета, ги смрзнавме Холанѓаните. Во тие моменти домашните двапати се заканија со странични удари. Во 22.минута “бомба“ на Трајковски, леле каков удар, но одново Алекс нема среќа.
И тогаш се случи она што не смееше да се случи, посебно кога има ВАР. Пандев е фаулиран пред шеснаесетникот на Холандија, судијата Ковач одмавна со раката, следуваше контра, крајно неспортски зошто нашиот капитен лежеше на теренот. Топката дојде до Мален, овој асистираше а Депај погоди за 1:0. Следуваше ВАР одлуката, сите бевме убедени дека тој гол ќе биде поништен, но, изннадувачки голот беше признат. Па што ли гледаа во ВАР собата?
Во продолжение од првиот дел Трајковски шутираше над голот, а Муслиу од идеална шанса со глава биеше покрај голот.
Па така со тој резултат од 1:0 за Холандија се замина на одмор.
ТРИЧКО СПАСУВА ЧИСТ ГОЛ, НО ВАЈНАЛДУМ ЗА 2:0
Во продолжение од натпреварот и двете селекции играа отворено, сакајќи да постигнат гол(ови). Холандија имаше шанса но шутот на Де Лихт токму Тричко го спаси за 2:0. Сепак имаше гол, и тоа само една минута подоцна кога Вајналдум стрелаше за зголемување на водството.
Во 56.минута имавме добра шанса за намалување, но Барди од слободен удар од 22 метри одлично шутна, но Штекеленбург ја спаси ситуаацијата.
И ПОВТОРНО ВАЈНАЛДУМ ЗА 3:0…
Кога ние забиваме, тогаш Холандија тоа го прави. Ние целосно паднавме, а во 58.минута одново Вајналдум стрела под пречката за 3:0. Голема радост за домашните, тага кај нашите фанови. Нашите не се даваат, даваат се од себе, но Холандија е таа што доминира на теренот на „Јохан Кројф Арената“ во Амстердам.
Холандија не запира, продолжува со атаците. Сега Вегхорст ја погоди пречката откако Де Јонг асистираше. Ова не е добро за нас.
Но сепак гол за нас, гол за Чурлинов во 72.минута, но нема радост. Одново е офсајд. Немаме среќа. Втор поништен гол за Македонија.
И тоа беше тоа од Македонија на ова ЕУРО. Три меча и три порази.
Можеше ли да биде подобро?
Допрва ќе следува анализата.
МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА 0:3 (0:1)
„Јохан Кројф Арена“ во Амстердам. Судија: Иштван Ковач (Романија). Стрелци: Депај 24., Вајналдум 51. 58. (ХОЛ). Ж. Картони: Ристовски, Муслиу, Алиоски, Костадинов (МАК).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди (78. Стојановски), Адеми (78. Николов), Трајковски (68. Хасани), Елмас, Тричковски (58. Чурлинов), Пандев (69. Костадинов).
Селектор: Игор Ангеловски.
ХОЛАНДИЈА: Штекеленбург, Думфрис (46. Бергхаус), Де Вриј (46. Тимбер), Де Лихт, Блинд, Ван Анхолт, Де Јонг (79. Гакпо), Вајналдум, Гравенберх, Мален (66. Промес), Депај (66. Вегхорст).
Селектор: Франк де Бур.