Тоа е тоа. Горан Пандев се прости од репрезентацијата, се прости на најдобар можен начин, со играње на ЕУРО. Се прости вечерва и тоа на легендарната “Јохан Кројф Арена“ во меч кој резултатски не минавме добро, напротив, резултатски убедливо го загубивме.
Но, ајде, сега не е време на простувањето на нашата икона да пишуваме дека загубивме со 0:3.
Секако, желбите беа Пандев да го испратат со добар резултат, да се простат со победа или со реми.
Но, толку се можностите.
А Пандев беше прекрасно испратен, голема чест му направија и домашните, со дрес, аплаудираше и Весли Снајдер. Се беше на ниво. Го испратија неговите репрезентативни колеги. Падна и некоја солза, но се беше достоинствено, се беше на ниво, како што треба.
Ќе зборуваме уште многу, ќе пишуваме уште многу за Пандев.
Иконата наша тоа и го заслужи, така и треба.
Секоја чест мајсторе…ти благодариме за се она што покажа на сите тие 122 меча, се радувавме како “луди“ на сите твои 38 голови за Македонија.