Заврши ерата на Мрме, почнува онаа на Милевски….

4200

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Игор Ангеловски – Мрме. Повеќе од 5,5 години ја предводеше најдобрата селекција на Македонија. Поточно од 12 ноември 2015 година па се до вчера. Му завршува договорот на 1 јули, а вчера на пресот по мечот со Холандија, рече дека ова е крај и дека нема веќе да биде селектор.

Ја заврши својата ера како селектор со три убедливи порази на ЕУРО 2020. Сега на ред е ерата на Благоја Милевски, за кого во изминатите месеци се шпекулира дека тој е сигурниот пик за наследник на Ангеловски.

Тој е човекот кој што со единаесет момци од сегашниот состав на ЕУРО 2020, се пласира и играше на ЕП 2017 за У-21 селекции во Полска. Нормално и логично е нему да се даде шанса, сепак ќе видиме што ќе се случува после 1 јули, кога на Ангеловски и официјално ќе му заврши договорот со ФФМ.

Велат дека пред фактите и боговите молчат, но зависи од кој агол се гледаат фактите.

Да. Мрме е најдолговечниот селектор од самостојноста на Македонија. Под негово водство сме одиграле 53 натпревари, 23 пати сме победиле, на 11 средби сме ремизирале, 19 пати сме биле поразени. Сме дале 83 голови а сме примиле 65.

Да. Статистички Мрме е најуспешниот селектор, но од кој агол ќе сакаш да ја видиш таа статистика. Мрме двапати играше во Лигата на Нации, речиси повеќе од половината средби против кого играше Македонија под негово водство беа селекции послаби од нашите или барем со приближен квалитет.

Да. Во него време прво паднавме на 166 место на ФИФА листата, но затоа сега сме на 62. Тоа е скок од сто места, но прво паднавме. Ајде да бидеме буквално и кристално јасни.

Да. Во него време и со него како селектор Македонија за првпат се пласира на едно големо натпреварување. Тоа никој не може да му го оспори. Но, не е само тој “винивникот“. Дали ќе беше така ако ја немаше “селекцијата“ од У-21 од ЕП во Полска, ако Пандев не се вратеше (н.з.точно е дека тој го врати), ако ја немаше перфектната организација зад себе на ФФМ и со големите премии. Поддршката што му се даде и во времето кога имаше слаби резултати, во почетниот период.

Да. Мрме си ја заврши работата. Браво, одлично. Под негово водство го остваривме сонот, изборивме пласман на едно големо натпреварување за првпат во историјата. Секоја чест. Под негово водство ја “згазивме“ Германија на нејзин терен. Но, ајде да се навратиме малку наназад. Што ако Ѓоко, Цапар, Среќко, Јонуз и останатите, имаа шанса да ја предводат Македонија во Д групата на Лигата на Нации?

Секако ни на крај памет не ми е сега јас да ја нарушувам еуфоријата во Македонија, но секоја чест за Стефан Ристовски. Единствено тој имаше му*а вчера да каже…тоа што го кажа. Сите останати, цела Македонија беше свртена кон простувањето на Пандев и забавата која нашите фанови си ја правеа во Букурешт и Амстердам.

Да. Мрме е добар тренер, одличен тренер. Во својата деби сезона како тренер со Работнички, во таа 2013/2014 ја освои двојната круна пред Шкендија и Вардар со петпати помал буџет од “милионерите“ од Тетово и Скопје. И во следната сезона ќе беше така, но тогаш некој едноставно му ја одзеде новата титула на Работнички. И затоа сега смешни ми се сите оние “фаци“ кои во 2013 година, кога Попе го стави тренер на Работнички се смееја, а во 2015 година кога ФФМ го назначи селектор се “утепаа“ од смеење, а сега го прават тој Мрме како да е “БОЖЕСТВО“.

Зошто тој тоа не е. Сигурно.

Да не бидам досаден. Доста со тоа ДА.

Ангеловски секако дека самиот си се впиша во историјата. Како што Благоја ќе биде запаметен по тоа ЕП за младинци 2017 во Полска, така и Мрме ќе остане во вечно сеќавање како прв селектор кој бил предводник на репрезентацијата која за првпат се изборила за пласман на ЕП, а и играла на него. Тоа никој не може да му го одземе, ниту пак оспори.

Рековме Мрме не е “Божество“ како што тоа некој сега го прави. Може да му се најдат “мал милион“ замерки, посебно во изборот на тактиката. Вистина е дека е своеглав, дека никогаш нема да признае дека погрешил, дека новинарите и стручњаците кои му даваат добронамерни совети според него обично грешат, за да утредента токму тие совети и “критики“ тој ги прифатил и го сменил тимот, ја сменил формацијата. Најсвеж пример е тоа што го направи пред и по мечот со Украина, односно пред мечот со Холандија.

Ако можеше Дешамп да му прости на Бензема, тогаш можеше и Мрме даму прости на Адис. Посебно кога Нестор се повреди. Рековме има многу работи да се кажат, но ајде да не влегуваме во детали.

Сепак зошто во текот на овие пет години и повеќе биле повикувани играчи кои немаат одиграно ни 10% од натпреварите во своите клубови? Зошто?

Проблемот е поголем зошто постојано беа повикувани.

Нема да говорам тука за имиња. Не е фер сега ни кон нив.

Зошто пак не се повикувани, или не им се даде шанса во целост на некои кои навистина заслужија поради тоа што имаат 180 голови во ПМФЛ, или некој што “кршеше“ нозе во репрезентацијата кога таа иста репрезентација никој не ја “рецкаше“ и служеше за потсмев.

Нема да говорам ниту за формациите, дали требало 3-5-2 или 4-3-3 или 4-4-2, или пак 4-2-3-1.

Има многу зошто, но генералната слика нема да се промени. Точно, Мрме си го “набилда“ рејтингот, знаеше како “треба“ со медиумите и сега е на “радарот“ на Фенербахче, Џенова, Сампдорија и други клубови.

Сега тој е “ДРУГА ПЛАНЕТА“.

ПретходноПОТВРДЕНО: Рогановиќ ќе биде тренер на голманите во Вардар 1961
СледноПандев: Немам желба да бидам тренер, можеби спортски директор или менаџер