Горан Пандев. За него колку и да се пишува, секогаш ќе биде малку со она што го направи во националниот тим, за фудбалот во Македонија.
Од почетоците до крајот посветено работеше за да успее, и на крајот му се исполни сонот да игра со Македонија на големо натпреварување. Тој во една изјава истакна дека би ги менувал сите трофеи само да игра со Македонија на големо натпреварување.
И од почетоците кога ги правеше првите чекори во националниот тим, до самиот крај кога стави крај на репрезентативната кариера, само еден човек беше до него. Тоа е Дени Масев.
Спортскиот директор на националниот тим беше соиграч на Пандев во младите селекции, а потоа преку нив стигнаа заедно и до сениорскиот тим. Пандев се пресели во Италија, Масев играше во Србија, Украина, Грција и во неколку македонски клубови. Заедно тргнаа во Беласица, заедно стигнаа до крајот.
Двајцата инаку се и роднински поврзани. Кумството е она што ги соединува и надвор од теренот.
Масев во последните три години ја имаше улогата на спортски директор во националниот тим. Тој заедно со Пандев и со сите други играчи и со стручниот штаб ја „вивнаа“ Македонија кон најдобрите 24 европски селекции.
Фотографијата горе е од националниот тим на Македонија до 16 години, а доле од Амстердам. Од почеток до крај!