Босанскиот интернационалец Саша Пулјизовиќ е нов ракометар на Бутел Скопје. Средниот бек и скопскиот тим договорија едногодишна соработка.
Пулјизовиќ во Бутел доаѓа од босанскиот тим Борац Бања Лука каде што ја помина последната сезона. Тој има 32 години (192/93) и големо искуство од настапите низ многу европски клубови.
„Морам да признаам дека веќе во првиот разговор со луѓето од Бутел, ги препознав амбициите, желбите и тенденцијата од година во година да се остваруваат подобри резултати. Тоа беше една од главните причини што ја прифатив понудата. Знам дека дојдоа неколку одлични ракометари за следната сезона и се надевам дека периодот за подготовки ќе го искористиме на најдобар можен начин, да се запознавме, воиграме што подобро и подготвени да го дочекаме стартот на првенството. Многу мои пријатели, тренери и играчи кои се во Македонија, ми зборуваа во суперлативи за лигата, навивачите, ривалитетот меѓу клубовите….Имав прилика да играм со Кокс во Битола и самиот да сфатам дека луѓето во Македонија го сакаат и го разбираат ракометот. Верувам дека трансферот во Бутел Скопје ќе биде сјајно искуство за мене во кариерата и дека ќе имаме резултати со кои ќе бидат задоволни нашите поддржувачи, изјави Пулјизовиќ
Средниот бек потекнува од босанскиот тим Дервента, а во регионот ги носеше дресовите на Градачац, Бјеловар и Металопластика. Беше дел од израелскиот Бнеи Херцлија, турскиот Кајсери, австрискиот Тирол, романската Сучеава, шведскиот Хелсинборг, од каде што направи трансфер во финскиот Кокс, со кој играше две сезони во Лигата на шампионите