ФК Струга Трим Лум ова лето ќе го има својот дебитантски настап во фудбалска Европа. Ривал за 1.квалификациско коло во Конференциската лига на стружани ќе им биде Лиепаја од Летонија. Првиот меч требаше да се игра во Скопје, но поради фактот дека и Силекс и Шкупи на 8 јули се домаќини, стружани своето деби ќе го имаат во Летонија.
Ревнашот се игра на 15 јули, а Струга Трим Лум како домашен стадион го пријави оној на Фудбалската федерација во Скопје.
Инаку екипата под водство на стратегот Срѓан Захариевски веќе наголемо ги одработува подготовките, а утре ќе се одигра и првата од трите планирани пријателски средби.
Противник ќе биде Партизани од Албанија, мечот се игра на Градскиот стадион во Струга со почеток од 17 часот.
На 26 јуни, исто во Струга ривал ќе биде Шкупи, а на 30 јуни составот на Теута, шампионот на Албанија. Тоа е тимот на нашиот интернационалец Баже Тодоровски кој пак во Охрид се подготвува за настапот во квалификациите во Лигата на Шампионите.