Спортмедиа анализа – Ѓорѓи Христов: Ми се чини како Мрме да одеше против Игор Ангеловски!

9908

Ѓорѓи Христов, еден од нашите најдобри фудбалери и голгетери во историјата на самостојна Македонија, некогашен репрезентативец, некогашен фудбалер со богата интернационална кариера, специјално за читателите на Спортмедиа го анализира севкупниот настап на ЕУРО 2020 на нашата селекција.

Генерално впечатоците се позитивни. Реков и пред да почне ЕП, оваа генерација успеа да направи што ниту една претходно не успеа. И затоа секој респект за момците. Сакаа повеќе, се бореа колку што можеа во моментов, атмосферата во Букурешт беше фантастична, и самиот се уверив во тоа, Македонија беше на мапата на фудбалска Европа. Секако дека тоа е голема работа. Од тој агол оваа мисија беше успешна, тука нема замерки. Сите ние треба да им бидеме благодарни што настапија на едно големо натпреварување“ вели Христов.

МОЖЕВМЕ ПОВЕЌЕ,СРЕДНИОТ РЕД НЕ БЕШЕ НА НИВО

Сепак, сепак Христов напоменува дека Македонија можела повеќе.

Апсолутно. Уште кога синоќа видов дека Украина се пласира во 1/8 финалето уште повеќе ми беше криво. А веројатно уште повеќе жалат селекторот и играчите кои во себе знаат дека можеле повеќе. Со една победа над Украина ние сега ќе бевме во следната фаза. Инаку според мене само Столе и нападот беа на ниво. Ако мислевме дека средниот ред е нашата најсилна страна, на ова ЕП не беше така. Барди оправдано, ако знаеме што се случуваше со него, па и Елмас оправдано. Ми се чини како да не беше дефинирана неговата улога на теренот. Дали тој играше во средниот ред или во нападот? Адеми играше премногу дефанзивно, и искрено јас очекував многу повеќе од него. Во целост сметам дека сите тие можеа многу повеќе. Можеа да дојдат барем до една победа. Но, настапот на ова ЕП треба да се сфати како едно големо искуство за нас. Првпат играме на едно големо натпреварување, некои работи ги научивме, некои допрва ќе ги научиме. Е, сега дали имало офсајд или фаул, дали тие биле мали офсајди или мали фаулови, многу добро се знае дека токму малите работи ја прават разликата. Но, реков и ќе повторам. Оваа Македонија можеше и требаше повеќе да прикаже. Во тоа сум уверен“.

ЗОШТО СТЕФАН СТОПЕР, А НИКОЛОВ ПО ДЕСНО?

Кога сме кај формациите, Христов исто така има свој коментар.

И Мрме како и сите тренери и селектори ја прави, или треба да ја прави, формацијата и играта според “материјалот“ што го има, или барем мисли дека го има. Сега 3-5-2, или 4-4-2, или 4-2-3-1, тоа е негов избор. Но јас навистина се чудам зошто Стефан мораше на првите два меча да игра како стопер, а Николов по таа десна страна. Искрено на Бобан тоа не му е природна позиција, дечкото се трудеше, беше максимално борбен, но тој не може да игра по таа десна страна како што може да одигра Стефан. Па затоа и двајцата “ги гориш“, Стефан е десен бек, може и офанзивно да пробие, да биде закана, позади него ставаш стопер и тоа, ако веќе играш со 3-5-2. Стефан тоа го игра и во Динамо, тоа го играше и досега во репрезентацијата. Вака бевме безопасни по таа десна страна, противникот ќе не “покриеше“ по левата и ете ти проблем. Вака со Стефан десно, со Џани и Елмас по лево, и Пандев ќе беше послободен во средината. Ми се чини како Мрме да одеше против Ангеловски. Не знам, можеби имал причина за тоа. Сепак јас знам дека оваа генерација е победничка, тие одат на секој меч да победат, и тие самите сега си знаат дека пропуштиле голема шанса да дојдат до големо нешто, до победа на својот деби настап“.

ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ИМАМЕ НОВ ПАНДЕВ!

Христов, како и цела Македонија му се заблагодарува на Горан Пандев, на се она што Гранде направи за оваа држава, за мак-фудбалот.

Јас бев во репрезентацијата на Македонија кога Горан почнуваше. Уште тогаш се виде дека не само што е мега – талент туку дека е и голем човек. Тој за овие дваесет години воопшто не се смени. Прекрасна личност, затоа е и толку почитуван од сите. Голем фудбалер, па бројките тоа најдобро го кажуваат, зарем јас сега треба да докажувам нешто. Импресино испраќање на “Јохан Кројф Арената“ во Амстердам. Како што и доликува. Секоја чест Горане, тука нема дилеми. На крај да додадам дека тешко во блиска иднина ќе имаме некој нов Пандев, би сакал да грешам, но тоа е мое мислење. И сосема за крај сакам уште еднаш да им честитам на сите во репрезентацијата што ни овозможија за првпат во нашата историја да бидеме горди што ете на ЕП или СП навивавме за нашата репрезентација, за нашата Македонија. Ова е голема работа“ заврши Христов.

Претходно„Малку“ го промашиле градот: Француски навивачи наместо во Будимпешта, завршиле во Букурешт!
СледноЛиверпул не ги пушта играчите на ОИ во Токио