Македонскиот одбојкарски репрезентативец Ѓорѓи Ѓорѓиев во новата сезона ќе го носи дресот на бугарски Хебар. Тимот во кој до оваа сезона беше друг наш репрезентативец, Александар Љафтов, го потврди трансферот на Ѓорѓиев, кој минатата сезона настапуваше во шампионатот на Полска во дресот на Алурон Варта.
Нашиот репрезентативен техничар добро ја познава бугарската одбојка, затоа што со екипата на Марек од Дупница во периодот од 2013 до 2015 година стана и шампион на нашиот источен сосед.
Оваа недела својот трансфер го комплетираше уште еден наш репрезентативец. Средниот блокер Филип Маџунков од Германија се сели во Хрватска. Тој ќе биде нов член на екипата на Рибола Каштела.
„Знам каде доаѓам и каква е традицијата на одбојката овде. Во досегашната кариера играв за ОК Струмица, ОК Јединство (Црна Гора), ОК Гренобл (Франција), ОК Вардар Скопје и ОК Битерфелд-Волфен (Германија). Среќен сум што потпишав за голем клуб каков што е ОК Рибола Каштела и очекувам добри натпревари и борба за титулата“, изјавил Филип Маџунков.
фото: CEV.eu