Во екот на летото, Македонските младински кошаркарски селекции, ги имаат најголемите активности.
Како за почеток тука е У18 машката репрезентација која од 3. до 8. август во Скопје, ќе биде дел од групата „А“ на ФИБА „Челенџер“ турнирот на кој ќе ни гостуваат селекциите на Србија, Хрватска, Шпанија, Германија и Грузија. Во таа насока, на чело со селекторот Никола Василев, У18 момците тргнаа за Маврово каде што ќе ги одработат базичните подготовки.
На списокот за Маврово утринава се најдоа:
Андреј Митревски (КК ТФТ), Марин Петков (КК Вардар), Резарт Мемед (Aurora Basket Jesi-Италија), Амар Хот, Теон Богатиновски (КК Феникс 2010), Филип Наков (KK Подгорица-Црна Гора), Мирослав Ѓорѓевиќ (NBB New Best Basket-Италија), Павел Атанасов (КК Баскет КАМ), Горазд Величковски, Карло Блажевски, Петар Бошалевски (КК Работнички), Христијан Настовски, Димитар Иванов, Виктор Стојковски, Никола Василевски (КК МЗТ Скопје Аеродром), Милош Јовановиќ (КК Куманово), Тома Стојановски (КК Гостивар), Петар Башовски (Шпанска спортска академија-Шпанија).
Од друга страна пак, женската У20 селекција еден ден порано, веќе се стационираше во Крушево и ги стартуваше тренинзите.
Местото со многу повисока надморска висина, и доста степени пониска температура, каде ќе биде реализирана втората фаза од подготовките за она што девојките ги чека во наредниот период, а ќе кулминира со настап на ФИБА „Челенџер“ турнирот кој ќе биде во организација на КФСМ, а ќе се одржи во периодот од 13. до 18. јули во Скопје.
„Втората фаза на подготовките за ФИБА ‘Челенџер’ турнирот во Скопје ја почнавме вчера во Крушево каде имаме одлични услови за добра работа. Предпладне се работи на подобрување на физичката подготвеност со комбинација на тренинг во сала, а попладне исклучиво во сала. Задоволен сум од ангажирањето на сите кошаркарки. Продолжуваме во исто темпо, и се надевам дека ќе бидеме во комплетен состав за она што следува во наредниот дел од подготовките“ – рапортира од Крушево, селекторот на оваа наша женска селекција Саша Димитријевиќ.