Благоја Милевски – Четиринаесетиот селектор во македонската фудбалска историја!

1065

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Она што беше очекувано, најавувано, па и логично, и се оствари. Денеска со одлука на УО на ФФМ за нов селектор на нашата најдобра фудбалска репрезентација е избран Благоја Милевски. Тој оваа функција ќе почне да ја извршува од 1 август.

Секако дека му посакуваме многу среќа и многу успех во работата, и се надеваме дека од оваа генерација на играчи, Милевски ќе знае да го извлече максимумот, и не се сомневаме во тоа.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини во својата изјава убаво кажа зошто по Игор Ангеловски, токму Милевски е одбран да ги предводи националите.

Инаку Милевски е вкупно четрнаесетиот селектор во историјата на репрезентацијата во самостојна Македонија. Почнавме со Андон Дончевски, продолживме со Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски во два мандата, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Слободан Сантрач (Србија), Среќко Катанец (Словенија), Мирсад Јонуз, Џон Тошак (Велс), Чеде Јаневски, Бошко Ѓуровски, Љубинко Друловиќ (Србија), Игор Ангеловски, и еве доаѓаме до Милевски.

ДЕТЕТО“ ОД ВЛАЕ… БОБИ ПРВ ЈА ОДНЕСЕ МАКЕДОНИЈА НА ЕП

А, кој е Благоја Милевски? За тие што не знаат, а тие се многу малку, еве малку фактографија.

Порасна во скопската населба Влае, а како многу млад замина во Ц. Звезда. Фудбалската кариера го носи потоа во Ираклис, Трикала, Марибор, Победа, Панилиакос, Македонија ЃП, Ашдод, Цементарница, Македонија ЃП, а ја заврши во Вардар со полни 40 години.

Првата работа како тренер му беше во Вардар, и тоа како асистент во стручниот штаб во таа шампионска генерација, а потоа и како шеф на стручниот штаб освои титула со Вардар. Во 2014 година станува селектор на У-21, и прави историја.

Тој е првиот селектор кој ја однесе Македонија на едно големо натпреварување, и тоа во 2017 на ЕП за селекции до 21.година.

Дури единаесет момци кои беа на ЕУРО 2020 во нашата репрезентација, беа претходно и во селекцијата на У-21 на ЕП во Полска.

Кус период го водеше Ашдод, а потоа одново се врати во У-21 на Македонија и таму ќе биде се до 1 август, барем официјално.

Важи за голем работник, важи за тренер кој знае да прифати совет, се разбира ако е во интерес на репрезентацијата, не сака никакви “лајкови“ на социјалните мрежи, тотално е сконцентриран на својата работа, едноставно живее за фудбалот. И само за фудбалот. Не сака да прави трули компромиси, знае што му е целта и знае како да дојде до неа.

Се разбира дека Благоја доаѓа на кормилото во најнезгоден момент. По историскиот настап на ЕП еуфоријата ќе спласне, покрај Пандев се најавија и уште некои заминувања од репрезентацијата, но важно за Милевски е тоа што и тоа како го знае “костурот“ на тимот, па тој е негов “костур“.

Милевски оваа шанса ја заслужи, сега треба да ја оправда.

ПретходноНовата сезона во Франција почнува на 8 август: ПСЖ тргнува на гости кај Троа
СледноОфицијално: Никола Ристески е нов фудбалер на Ренова!