Мина една недела од стартот на подготивките на повратникот во ПМФЛ, тимот на Брегалница. Првата фаза мина според плановите на стручниот штаб и раководството на клубот, а од утре следува и преселба на “сините“ во Пехчево, каде во една мирна атмосфера ќе се тренира и воигрува тимот во извонредни услови што ги нуди ова место. Секако дека ќе се користи и теренот на Кит Го.
Закажан е и првиот тест ова лето. Брегалница на 3 јули ќе ги одмери силите со тимот на Борец. Во Пехчево штипските “сини“ ќе бидат до 10 јули, за да потоа се оди на Златибор каде екипата би требало да одигра неколку пријателски меча.
Што се однесува до играчкиот кадар, засега Брегалница се засили со Даниел Мојсов, искусниот стопер, инаку некогашен репрезентативец на Македонија кој дојде од АЕК Ларнака и со Антонио Азиновиќ, интернационалец од Хрватска.