ФОТО: Официјален Твитер профил на УЕФА ЕУРО 2020
Уште еден луд меч на ЕУРО 2020. Франција и Швајцарија одиграа одличен натпревар со многу тензија и возбудување на националниот стадион во Букурешт кој беше решен на пенали. Во регуларниот дел заврши 3:3, а по продолженијата немаше промена на резулататот за потоа во пенал-рулетот Швајцарците да победат со 5:4. Во решавачката серија Мехмеди погоди за Швајцарците, а Зомер го одбрани шутот на Мбапе.
Швајцарците прв пат во историјата ќе играат четвртфинале, а противник ќе им биде Шпанија.
А мечот имаше чуден тек. Швајцарците поведоа со голот на Сеферовиќ, во 55. минута Родригез промаши пенал за зголемување на водството.
Голманот Лорис го одбрани неговиот удар, а веќе во наредниот напад на асистенција на Мбапе погоди Карим Бензема. Уште не освестени од шокот Швајцарците добија уште еден удар. Гризман одлично продре по левата страна и шутна, голманот Зомер одбрани, но топката дојде на втората статива каде Бензема со глава ја смести во мрежата.
Франција напрви пресврт и доби крила во завршницата од мечот. Пол Погба во 75. минута со феноменален шут од далечина го матира швајцарскиот голман за висока предност на Франција од 3:1. Во финишот Сеферовиќ повторно погоди со што го најави кам-бекот на Швајцарците. Во 89. минута Гаврановиќ со убав удар го совлада Лорис за 3:3.
Во пенал серијата ниту еден не погреши се до петтата серија кога Мехмеди ја затресе мрежата, а шутот на Мбапе го запре Зомер.