Селекторот, и воедно капитен на Македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров и официјално повеќе не е дел од проектот Голден Арт КЛ7. Тој се повлекува од сите функции на клубот, во кој беше еден од основачите.
За новите промени на прес-конференција говореше актуелниот претседател Сашко Даев. Тој истакна дека и натаму клубот планира да функционира исклучиво со Македонски играчи, и дека ќе им се дава шанса и натаму на младите ракометари.
„Кога работите во една организација, а клубот е организација и тим, најголемиот проблем е недостаток на комуникација. Кога не комуницирате, не знаете што ќе биде и како ќе биде и ако има некој проблем, не го знаете и тој станува се поголем и поголем. Сето ова ние го дознавме пред крајот на декември, кога Лазаров едноставно се откажа од овој проект. Дали била целта да престане клубот да постои, не знам, меѓутоа ние како одговорни луѓе, кои водиме одговорни компании, говорам во името на Рехау и Голден Арт, главни финансиери на клубот, не можевме да си дозволиме да кажеме „пријатно“, затоа што тука имаме млади играчи чии родители ни ја дале довербата, а 90% од тие играчи се дојдени надвор од Скопје кои успеавме да ги образoваме и паралелно да играат ракомет“ – рече Даев па додаде.
„Ние преземавме обврска да се грижиме за нив, така што не можевме да кажеме готово, пријатно, снаоѓајте се. Тоа немаше да биде одговорно од наша страна и како клуб и како големи компании. Причината за разделбата е недостаток на комуникација. Клубот во иднина и неговото име сигурно ќе претрпат измени и ќе се вика само Голден Арт“, изјави Даев.
Матлиевски и натаму шеф на стручен штаб
Никола Матлиевски ја доби довербата на тренерското место, а тој покрај првиот тим ќе биде задолжен за координација на помладите тимови.