Кирил Лазаров, нашата спортска и пред се ракометна икона, во интервјуто за клупскиот сајт на Нант, покрај другото говори и за тоа кога ќе оди во играчка пензија, уште колку има намера да биде на терените како ракометар.
“Ова за мене ќе биде последна сезона, и дефинитивно ја донесов одлуката. По завршувањето на сезона, значи во 2022 година ставам крај на мојата играчка кариера“ потенцира Кире кој следната година ќе има 42 години.
Ова не е ништо ново, имено тој во неколку наврати најавуваше дека сака да игра барем уште една сезона, но овие негови зборови значат дека тој и дефинитивно ја донел одлуката околу пензионирањето.
Од почетокот на оваа година, Лазаров е и селектор на најдобрата наша ракометна репрезентација.
“Искрено мислев дека ќе биде потешко.Почетните успеси ми дадоа уште поголема сила, мотивација. Сега ја имам визијата и за играчот, но и за тренерот, и мислам дека тоа е предност“ посочи Лазаров.