Дидие Дешамп ќе остане на чело на репрезентацијата на Франција, пишува ЕСПН. По шокантната елиминација од Швајцарија во 1/8-финалето на ЕУРО 2020, многумина чекаат Дешамп да добие отказ, но тој следната недела оди на преговори за продолжување на соработката со Француската федерација.
Следната недела Дешамп ќе се сретне со претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел Ле Грае, кој инсистира тој да остане на кормилото на француската репрезентација. Договорот на Дешамп е до декември 2022 година, но дури и пред европското финале се разгледуваше можноста тој да биде продолжен до јули 2024 година.
„Ќе разговараме со Дешамп за тоа што се случи. Тимот имаше цел и тоа беше полуфинале. Не успеавме, но тој многу добро се снаоѓаше претходно. Не размислувам за неговата иднина”, изјави Ле Грае.
Дешамп (52) ја предводи Франција од 2012. Под негово водство, „галските петли“ стигнаа до четвртфиналето на СП 2014, финале на Евро 2016 и го освоија СП 2018.