Од денеска, па се до 4. јули во четири града, Белград, Сплит, Каунас и Викторија, стартуваат квалификациите за пласман на ОИ во Токио. Остануваат уште четири слободни места.
Вкупно 23. селекции од целиот свет (во последен момент испадна Сенегал, поради проблеми со Ковид-19, не отпатуваа за Белград), ќе се обидат да бидат првопласирани на турнирите во Србија, Хрватска, Литванија и Канада.
Согласно со системот за натпрварување, на секој од турнирите има по две групи со по три селекции. Првопласираните две репрезентации од секоја група, обезбедуваат пласман во полуфиналето, а победниците од полуфиналните мечеви ќе играат за билет за Токио.
Првата група ќе се игра во Белград, каде составот на репрезентациите е Доминиканска Република, Филипини и Србија, односно Италија и Порторико кои се веќе со обезбеден пласман во полуфиналето поради неиграњето на Сенегал.
Во Каунас, како дел од групата „А“ се Литванија, Кореја и Венецуела, а Ангола, Полска, и Словенија во групата „Б“.
На турнирот во Сплит, групата „А“ ја сочинуваат Германија, Мексико, и Русија, а групата „Б“, Бразил, Тунис и домаќинот – Хрватска.
Во онаа, за нас, најдалечната, во канадскиот град Викторија, ќе играат: Канада, Кина и Грција (група „А“) односно Чешка Турција и Уругвај, како дел од групата „Б“.
Победниците на четирите турнири ќе им се приклучат на осумте селекции кои веќе обезбедија место на олимпискиот турнир во Токио: Аргентина, Австралија, Франција, Иран, Нигерија, Шпанија, САД и домаќинот – Јапонија.