Шпанија со многу мака ја елиминира Хрватска од ЕУРО 2020 и се пласираше во четвртфиналето. „Фуријата“ прими гол од Хрватите на смешен начин. Педри ја врати топката кон голманот Симон, а овој дозволи таа да заврши во голот. Голманот на Атлетик Билбао призна дека не може да најде објаснување за тоа што се случи.
„Tој гол ме измачи. Го погледнав шест или седум пати. Не можам да најдам објаснување. Сонцето не ми сметаше. Пробав да ја исконтролирам топката и место да ја смирам останав без неа. Тоа е несреќа“, изјави Симон.
Шпанија пројде понатаму дури откако даде два гола во продолженијата. Во регуларниот дел беше 3:3, а потоа Шпанците победија со 5:3. Во наредното коло ќе играат со Швајцарија.
Шпанскиот селектор Луис Енрике изјави: „Симон ја научи лекцијата. Не е важно дали направил грешка, важно е како ќе одговориш по направената грешка. Ова нека биде лекција не само за него, туку и за соиграчите и за сите деца кои сакаат да играат фудбал“.