Јоаким Лев е веќе минато за германскиот национален тим. Тој по вчерашната елиминација од Англија рече дека е многу разочаран кога влегол во соблекувалната. Ќе било поинаку, вели Лев, ако Вернер или Милер ги искористеа шансите.
„Кога влегов во соблекувалната бев многу, многу разочаран што не успеавме. Знаевме дека по 2:0 ќе биде тешко да се вратиме. Но, претходно мораше да ги искористиме тие шанси на Вернер и на Милер. Едноставно на вакви натпревари е недозволиво да не се користат шансите“, рече Лев.
Тој додаде дека имало многу позитивни работи во изминатите 15 години на чело на Германија.
„Имаше многу добри работи. Мундијалот на домашен терен, потоа титулата во 2014 година, Купот на Конфедерации 2017. Но, од 2018 година имавме огромни проблеми и многу тешки фази. Она што ќе го паметам се моментите со луѓе кои беа важни за мене“, вели германскиот селектор.
За неговата иднина, коментираше…
„По 15 години одговорност, добро ќе ми биде малку да се тргнам, да одморам. Да соберам малку енергија, па потоа ќе одлучам што ќе правам. Во моментов немам никакви планови“, рече Лев.