Лазаров: Поради брендот „КЛ7“ многу деца се мотивираа да играат ракомет!

376

Капитенот и селекторот на нашата репрезентација, Кире Лазаров се огласи на социјалните мрежи по повод разделбата со Голден Арт. Ова вчера на прес конференција го потврдија и луѓето од клубот. Лазаров се заблагодари на досегашната соработка и потврди дека и официјално се повлекува од целиот проект.

Лазаров го напиша следното…

Во својство на единствен сопственик и идеен творец на брендот „КЛ7“, би сакал да ја известам македонската ракометна и спортска јавност дека истиот е во процес на редефинирање на стратегијата за натамошен развој и повеќе не е дел од групацијата „Голден Арт“, „Рехау“ и други. Во оваа прилика, би сакал да се заблагодарам на клубот за досегашната соработка и да им посакам многу успех и уште многу општествено одговорни проекти во иднина.

За натамошна комуникација на сите идни ракометни активности поврзани со брендот „КЛ7“ ќе ја користам единствено оваа платформа. Брендот „КЛ7“ лично го градам повеќе од 25 години единствено преку сопственото знаење, способности и искуство и сметам дека го издигнав на високо ниво во меѓународни рамки гордо претставувајќи го македонскиот ракомет на светските арени.

Благодарение на овој мој бренд, многу деца во државава се мотивираа да започнат да се занимаваат со ракомет. Ако барем една третина од илјадниците дечиња кои до сега учествувале на „КЛ7“ ракометните кампови, сум успеал да ги оттргнам од пороците на денешницата и да ги насочам кон здрав физички и ментален развој, се сметам себеси за среќен човек. Тоа е мојот главен мотив за иден уште поквалитетен ангажман во ракометот.

Државата Македонија во мене вложи многу верба во спортски рамки, а јас со моето искуство стекнато во изминативе две децении интернационална спортска кариера ќе настојувам да го вратам дома“ напиша Лазаров.

ПретходноЛазаревски и Металург ја продолжија соработката
СледноВардар 1961 од вториот шешир ја чека ждрепката за групите во ЛШ