Според францускиот весник „Л’Екип“, Килијан Мбапе не сака да го продолжи договорот со ПСЖ и тоа им го соопштил и на клупските челници.
Мбапе, кој беше трагичар на Франција на Еуро 2020 со промашување на одлучувачкиот пенал против Швајцарија во осминафиналето, наводно го известил ПСЖ дека нема да го продолжи договорот, иако ќе остане до крајот на следната сезона за да го испочитува актуелниот договор до крај.
Французинот има план да го напушти Париз следното лето како слободен агент, и тоа во голема мера би ги нарушило плановите на ПСЖ, кој може да го загуби својот најдобар играч, за кој плати 180 милиони евра при трансферот од Монако летото 2017 година, практично без обештетување.
Овој потег на Мбапе го приближи до Реал Мадрид, кој имаше намера да го купи летово, но сега ќе почека до крајот на сезоната и ќе работи на договор со играчот.