По европските шампионати во 1988, 2000 и 2012, Италија по четвртипат ќе биде дел од полуфиналните дуели на Еуро. Вечерва во извонредно динамичен и интересен меч, Италија славеше над Белгија со 2:1, со сите три гола постигнати во едно полувреме.
Првото полувреме почна извонредно за Италија. Бонучи погоди по 14 минути игра, но поради офсајд неговиот гол беше поништен. Следуваше нов притисок на „аѕурите“ и два гола во низа кои најавија извонредна вечер за момците на Манчини.
Напрво Барсело во 31. минута погоди за 1:0, а во 44. минута со еден прекрасен гол Инсиње веќе зголеми и на 2:0. За Белгија да се врати во мечот се погрижи Лукаку со гол од пенал во надополнувањето од првиот дел, па на одмор се замина со 2:1.
Во вториот дел Белгија притисна и се обиде да дојде до израмнување. Неколку убави шанси беа пропуштени, особено една 100% на Лукаку, кој од само неколку метри го погоди Спинацола во тело и не успеа да ја протне топката во празната мрежа на италијанскиот гол. Како привршуваше мечот, така се зголемуваше и притисокот кон голот на Донарума, а Доку имаше иеден извонреден шут во 85. минута кој заврши за малку над голот.
Италија во полуфиналето ја чека селекцијата на Шпанија, која претходно беше подобра на пенали од Швајцарија. Италија од далечната 1968 година нема освоено злато на европските првенства, па сега ќе биде вистинска шанса да го повторат успехот од пред половина век.