Англија дојде до најубедливиот триумф во завршницата на Европските првенства и се пласираше во полуфиналето на ЕУРО 2020. Англичаните во Рим ја совладаа селекцијата на Украина со 4:0. Се им одеше од рака на Англија, која рано дојде до водство, а Украина откако не успеа да израмни, доживеа „дебакл“ на стартот од вториот дел.
Кејн уште во 4. Минута успеа да ја „отвори“ Украина. Доби топка од Стерлинг и го најде патот до мрежата. Јаремчук се обиде на спротивната страна, но промена на резултатот немаше.
Во вториот дел кога се очекуваше Украина да го има следниот збор, два брзи гола на Англија. Најпрво во првите мигови од вториот дел Мегвајер со глава за 2:0, а потоа повторно Кејн за 3:0.
Хендерсон во 63. минута донесе и 4:0, со што веќе се знаеше кој ќе замине меѓу најдобрите четири. Украинците беа целосно демотивирани по двата брзи гола на Англичаните на стартот од вториот дел, и целосно се распадна нивната концепција и желба за добар резултат и изненадување од овој меч.
Англија во полуфиналето ќе игра против Данска.