Младинците до 20 години поразени на првата контрола (ФОТО)

293

Македонската младинска селекција до 20 години вечерва ја имаше првата проверка на сработеното во изминатиот период од подготовките. Резултатски, заврши со победа на противникот, комбиниран состав на универзитетски кошаркари од САД кој настапува под името „Атлети во акција“.

Американците славеа со 100:85 во меч во кој нашите млади кошаркари добро го стартуваа првиот официјален контролен меч во подготовките. Во првите пет минути направија и пет поени предност (15:10), но во наредните пет, му дозволија на противникот од САД да направи серија од (8-0) и да дојде до водство (18:15).

Прв сериозен проблем во играта на нашата млада селекција беше бројот на загубени топки. За нецели 15 минути, загубија дури 12 што беше „видливо“ и во резултатот.

Американскиот универзитетски тим поведе со двоцифрени 33:22 во 15 минута од проверката во СРЦ „Кале“, а на полувреме, предноста на гостинската екипа  во која имаше осум кошаркари беше уште повисока 47:33.

Одморот не ги смени многу работите на теренот. Американската селекција од минута во минута потврдуваше дека е далеку поподготвена од нашата младинска селекција.

Утревечер, во истиот термин, од 20 часот, на истото место, салата во СРЦ „Кале“, прва проверка ќе има нашата селекција до 18 години, против истиот противник.

ПретходноГерманија го совлада Бразил и обезбеди олимписка виза за Токио
СледноДимчевски од Гостивар се пресели во Еуро Никел