Мартон Секељи е новиот голман на Е.Пелистер за новата сезона. Унгарецот заедно со Марко Кизиќ ќе бидат задолжени за мрежата на битолчани, кои втора година по ред се најдоа во групната фаза во Европската лига.
Открива дека по разделбата со Порто добил интересна понуда од челниците на Е.Пелистер.
„Порто во средината на месец мај ме информира дека нема да ми го продолжат договорот, идејата била да се има повисок голман, нешто кое го прифатив и го респектирав, па почнав да си барам нов клуб. Еурофарм Пелистер ми испрати понуда и поради фактот дека Карим Хендави си заминува го одбрав клубот.
Управата бараше поискусен голман за да биде партнер со младиот Марко Кизиќ, кој израсна во РК Вардар. Мислам дека заедно ќе бидеме добар тандем. Целта ми беше да најдам тим кој игра на интернационалната сцена и во кој ќе имам шанса. Не сакав да одам во некој „голем“ тим, каде немаше да имам шанса“, изјави новиот голман.
Европската лига е една од причините поради која се решил да си подаде рака.
„Еурофарм Пелистер игра во Европа и во СЕХА, па така, ќе имам шанса да играм на квалитетни натпревари. Во Европската лига на ЕХФ, тимот се наоѓа директно во групната фаза, што значи најмалку десет квалитетни натпревари и се надевам повеќе минути за мене. Плус, тука се и домашните натпревари со Металург и Вардар“, изјави Секељи.