Српскиот шампион Црвена Звезда работи на засилувања на екипата за наредната сезона. Ново име во „црвено-белиот“ табор е Лои Диони кој доаѓа на едногодишна позајмица од редовите на Анже, со тоа што белградскиот клуб има можност да го откупи неговиот договор за 1,2 милиони евра.
Се работи за фудбалер роден во 1992 година, а играл за младинските категории на Бордо, додека на сениорско ниво првпат заиграл во Нант. Од таму преминал во Дижон за кои во 116 натпревари постигнал 34 погодоци, потоа играл за Сент Етјен, а претходните две сезони ги бранел боите на Анже.
Тој е четвртото ново име во Звезда. Претходно дојдоа Охи Омојанфо од Молде, Александар Драговиќ од Баер Леверкузен и Ненад Крстишиќ од АЕК Атина сите како слободни фудбалери.
Од клубот си заминаа Борисав Бурмаз (Раднички 1923), Алексадар Станковиќ (Серед, Словачка), Немања Милуновиќ (Аланија, Турција), Немања Стојиќ (Металац), Диего Фалчинели се врати во Болоња по истекот на позајмицата.