Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роже Федерер, влезе во четвртфиналето на годинешниот Вимблдон, откако без проблеми го совлада Италијанецот Лоренцо Сонега со 3:0 во сетови (7:5, 6:4, 6:2).
Со тоа Швајцарецот го обезбеди севкупно 58. учество во четвртфиналињата на Грен слем турнирите, а 18-ти пат ќе игра четвртфинале на Вимблдон.
Со 39 години тој е највозрасниот тенисер во Опен ерата што стигнал до осумте најдобри на престижниот Вимблдон.
Мечот траеше нешто повеќе од два часа, а беше прекинуван и од дождот, поради што мораше да биде затворен подвижниот кров на централниот терен.
Претходно Ѓоковиќ го победи Гарин со убедливи 3:0 и закажа четвртфинале со Фушкович. Федерер во следната фаза ќе игра со подобриот од дуелот Хуркач – Медведев.