Данците се едно до најпријатните изненадувања на ова Еуро 2020. Со пласманот во полуфиналето потврдија дека имаат исклучително талентирана генерација во чии редови има неколку фудбалери кои особено се истакнаа. Еден од најдобрите играчи на „црвениот динамит“ е Томас Дилејни, кој навистина игра одличен турнир.
Дилејни одигра неколку фантастични игри, а пред полуфиналниот натпревар против Англија, многумина се сетија дека тој има навистина голем проблем на натпреварите, особено затоа што тешко може да ги распознае своите соиграчи на теренот.
Имено, пред три години, играчот за врска на Борусија (Д) откри дека е далтонист и дека не ги распознава боите, како што нив ги гледаат повеќето луѓе. Тоа се случи по пријателскиот натпревар со Мексико, каде Дилејни цел меч се мачел да ги детектира своите играчи, затоа што Данците играа во црвени, а Мексиканците во зелени дресови, но и двете селекции имаа бели шорцеви.
„Јас сум далтонист. Пред некој ден на теренот, ми беше тешко да распознаам кој е од мојот тим, а кој во противничкиот. Тешко е да се опише. Тоа е исто како да гледаме различни нијанси со иста боја. Обично играме во шорцеви со различни бои, но овојпат и ние и тие имавме бели. Беше прилично тешко. Сè е во ред се додека играчите стојат блиску еден до друг, но кога темпото ќе се зголеми и тие ќе избегаат на периферијата на моето око, тоа е многу тешко“, изјави Дилејни.
Тој беше првиот фудбалер кој јавно призна дека е далтонист, но тоа не му пречеше да направи одлична кариера. 29-годишниот играч за врска досега одигра 59 натпревари за данската репрезентација и успеа да постигне шест гола. За полуфиналето со Англија најавува голема борба и мечтае за финале.