Шкупи чека „Европска“ победа повеќе од две децении

404

Далечна е сега веќе 1999 година и мечевите на тогашната Слога Југомагнат против некогашниот шампион на Азербејџан тимот на Капаз Гаџа. Пред повеќе од две децении, тимот од Чаир токму против овој ривал, ја оствари последната победа на меѓународна сцена. Триумфираше на домашен терен со 1:0, а голот во гости во поразот од 2:1 им донесе тогаш на избраниците на Ѓоре Јовановски следна фаза. Во истата Слога Ј. се сретна со Дански Брондби, загуби но не разочара.

И во 2001 година Слога Југомагнат повторно со Ѓоре Јовановски се радуваше на Евро успех. Тогаш беше минат Литвански Каунас откако Чаирчани на гости одиграа 1:1, а дома 0:0.

Оттогаш наваму Слога Југомагнат, односно сега Шкупи се нема израдувано на успех во Европа. Ова само како најава за она што денеска од 20:00 часот следува на Арената Тодоро Проески во Скопје. Дуел од првото квалификациско коло во новата Конференциска лига во која Шкупи се среќава со Лапи, претставникот од Косово.

„Чаир сака победа“ е мотото на момците на Гоце Седлоски денеска, затоа што реално и заслужува. Се инвестира во клубот, се игра во Европа во континуитет, а и се најавува атак на шампионската титула. Се знае дека навивачите се тука, кога станува збор за Шкупи, тоа не треба да биде тема, и токму за нив денеска Шкупи мора да изгине на терен. Да го мине овој противник кој не е непобедлив, во името на сите оние генерации кои повеќе од две децении чекаат „Европски“ насмевски во клубот.

А Чаир и „Шверцери“ ќе знаат како да ја прослават истата, како што славеа секогаш кога имаа повод.

Тренерот Седлоски и играчите најавуваат беспоштедна битка, респект кон противникот, но и остварување на своите цели и замисли. Шкупи сака што подолго да трае ова Европско лето, па наесен со грст импресии и полна каса, да се тргне во битка за шампионската титула.

 

ПретходноФ4 турнирот од Евролигата и следната година во Германија
СледноДанецот на листата на најбогати на Форбс